Пилотот на Формула 1 тимот Астон Мартин и некогашен возач на Ред Бул и Ферари, Германецот Себастијан Фетел, би сакал титулата за 2021 година да ја освои Макс Ферстапен, а не Луис Хамилтон.
„Двајцата имаа одлична сезона, нека победи подобриот. Мој херој во детските денови беше Михаел Шумахер. Така што, не сакам Луис да победи в недела. Сакам рекордот на Шумахер да остане. Но, што и да се случи, Хамилтон да освои и уште две, три, пет титули, Михаел за мене ќе биде најдобар Формула 1 возач на сите времиња“ – изјави Фетел.
Хамилтон ако освои нова титула, ќе стане рекордер во историјата на Формула 1 со 8 шампионски трофеи, а легендарниот Шумахер има 7.
Трката за титула ќе се вози во Абу Даби в недела попладне, Хамилтон и Ферстапен влегуваат со ист број бодови, па тој што ќе биде подобропласиран од нив двајца в недела, ќе стане првак.