Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) потпишаа меморандум за соработка со кој се зајакнува партнерството меѓу двете институции во насока на зајакнување на сигурноста, безбедноста и интегритетот на фудбалските натпревари.
Целта на овој меморандум е ефективна координација и размена на информации, унапредување на безбедносните протоколи, спречување насилство и недолично однесување и поттикнување на позитивна спортска култура меѓу навивачите.
Во рамките на соработката ќе се реализираат заеднички безбедносни планови и протоколи за натпревари, редовни координации меѓу службите на МВР и ФФМ, обуки за службени лица и редарски служби, едукативни кампањи за промоција на спортски дух и воведување технолошки решенија за следење и навремена реакција при инциденти.
Со оваа иницијатива Министерството и Федерацијата испраќаат силна порака дека фудбалот треба да биде простор на почит и фер натпреварување, ослободен од негативни појави.

„Како Фудбалска федерација на Македонија имаме одговорност не само кон играта, туку и кон сите кои се дел од неа – фудбалерите, навивачите, клубовите и општеството.
Со потпишувањето на овој Меморандум со МВР, отвораме ново поглавје во безбедноста и организацијата на натпреварите. Заеднички ќе работиме на создавање средина каде што ферплејот и почитта ќе бидат норма, а насилството и недоличното однесување – исклучок кој ќе биде санкциониран.
Оваа соработка претставува важен чекор кон европски стандарди во организирање фудбалски настани и јасно укажува на нашата заложба да изградиме фудбалска култура која инспирира, а не дели. Уверен сум дека заедно ќе постигнеме многу во интерес на фудбалот и општата безбедност“, изјави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

„Министерството за внатрешни работи континуирано работи на унапредување на безбедносните стандарди и заштита на јавниот ред и мир, особено кога станува збор за настани со масовно присуство, како што се фудбалските натпревари.
Потпишувањето на меморандумот со ФФМ претставува основа за продлабочена и координирана соработка. Заедничките активности, обуките, плановите и комуникациските механизми ќе овозможат навремено препознавање и спречување на потенцијални ризици, со крајна цел – зголемена безбедност за сите учесници и посетители на спортските настани.
Во оваа насока, една од клучните цели е заштитата на интегритетот, односно препознавањето и спречувањето на организираниот криминал и корупцијата воопшто во спортот.
Оваа иницијатива не е само административен чекор, туку конкретна акција насочена кон заедничка одговорност, превенција и градење на здрава и безбедна спортска култура во Македонија“, вели Александар Јанев, директорот на Бирото за јавна безбедност.
