Фудбалската федерација на Македонија ја информира јавноста дека Дисциплинскиот комесар на Третата лига – Север донесе одлука за доживотна суспензија на фудбалерите Орхан Демири и Ердин Арифи од ФК Беса Слупчане, поради физички напад и обид за линч на противнички фудбалер по завршувањето на натпреварот ФК Беса Слупчане – ФК Аеродром, одигран во рамките на осмото коло од Третата лига – Север.
Домашниот терен на ФК Беса Слупчане се суспендира на 10 (десет) натпревари. Истовремено, ФК Беса согласно дисциплинскиот правилник, е должен да плати и парична казна.
„Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува секој облик на насилство на фудбалските терени и ќе продолжи со доследна примена на сите дисциплински прописи со цел заштита на интегритетот на натпреварите и безбедноста на сите учесници во фудбалот.
Ставот на ФФМ е јасен и недвосмислен:
Во фудбалот нема место, ниту милост за оние што се подготвени да тепаат, линчуваат и да го нарушуваат угледот на фудбалот“, се вели во соопштението на ФФМ.

