Клуб кој е „исфрлен“ од сопствениот град неофицијално е вмешан во обидот за поткуп на судијата во меч од последното одиграно 28-мо коло во Првата македонска фудбалска лига. Тоа што е официјакно е дека постои индиција за обид за поткуп, а тоа го потврдија и од Фудбалската федерација на Македонија. Од ФФМ велат дека се работи на расветлување на случајот.
„Точно е дека има пријавено во ФФМ дека имало обид за поткуп. Се работи за меч одигран во последното 28-мо коло во Прва лига. Постапката е во процедура. Првично ќе бидат повикани тие што го имаат пријавено случајот. Таква е постапката. Во тек се активности во Комитетот за интегритет и безбедност при ФФМ, а ако е потребно, ќе има координација и со Министерството за внатрешни работи. Ќе треба да се соберат докази. Зависно од доказите, потоа ќе се знае и какви и колкави може да бидат санкциите“, ни изјави портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.
Една од главните цели на ФИФА и УЕФА, а со тоа и на ФФМ е борбата против корупцијата, која најжестоко се санкционира. Ако се потврди дека имало обид за поткуп, казните за тие кои учествувале во скандалот, сигурно ќе бидат драстични и големи, а главна цел е да се искорени оваа неспортска појава во фудбалот.