ФФМ реагира: Судиските грешки го нарушуваат интегритетот во фудбалот, работиме на воведување на ВАР

Фудбалската федерација на Македонија со соопштение реагираше на случувањата на натпреварот помеѓу Струга и Воска, кој се одигра вчера во рамки на Првата македонска фудбалска лига. Од Судиската комисија при ФФМ, претходно соопштија дека судијата Игор Стојчевски драстично го оштетил прволигашот од Охрид, откако најпрво во 96-тата минута не досудил пенал за Воска, а веќе следната минута се одлучи да покаже на белата точка за Струга, иако според правилата тоа не требало да го стори.

Од ФФМ велат дека нивна заложба била да се воведе ВАР систем во македонскиот фудбал од оваа сезона, но наишле на проблем бидејќи не можеле да најдат соодветна продукциска куќа која ќе може тоа да го реализира.

– “Вчерашниот натпревар  Струга Т.Љ. – Воска Спорт јасно илустрираше колку е критично отсуството на технологијата за видео асистент судија (ВАР) во нашиот фудбал. Сериозните судиски грешки доведоа до значителна неправда за тимовите во МФЛ и не само што предизвика разочарување и гнев, туку ја потенцираше потребата за брзи дејствија во насока на подобрување на судењето и спроведување на праведноста.

Во текот на сезоната, се соочивме со судиски грешки кои директно влијаеа на интегритетот на фудбалската играта. Последните судиски грешки, но и грешките во изминатите кола од МФЛ, не принудуваат да се движиме побрзо кон подобрување и праведност во македонскиот фудбал.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е цврсто решена да не дозволи неправда во фудбалот, без разлика на цената.

Со тоа на ум, ФФМ активно работи на воведување на технологијата за видео асистент судија (ВАР) во нашите лиги.
Свесни сме за предизвиците кои ги носи овој процес, особено во наоѓањето на соодветна продукциска куќа за емитување на натпреварите, што беше и клучен проблем и покрај нашата решеност веќе оваа сезона да имаше достапна ВАР технологијата тоа да не се оствари, бидејќи овој чекор е критичен за ефективното воведување и функционирање на ВАР технологијата. Нашата цел е да овозможиме оваа технологија што е можно побрзо да биде достапна, иако се соочуваме со комплексни логистички и технички барања за имплементација на истата и на кои интензивно работиме да ги надминеме.

Фудбалот не е само игра, туку симбол на спортска правда и рамноправност. Во срцето на секој натпревар е желбата за фер-плеј, каде секој тим има еднакви шанси за успех.

Паралелно со овие напори, ФФМ континуирано инвестира во професионалниот развој на нашите судии. Редовно ги испраќаме на обуки и семинари во рамките на УЕФА со цел подобрување на нивните вештини и способности за правилно судење.
Ние сме посветени на обезбедување на највисоки стандарди во нашиот фудбал и веруваме дека овие чекори ќе придонесат кон правичен и квалитетен фудбалски исход.“ – се вели во соопштението на ФФМ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести