Фудбалската федерација на Македонија и официјално потврди дека мечот од второто коло на Првата лига, помеѓу екипите на Шкупи и Силекс нема да се одигра. Причината е тоа што чаирчани не успеале да обезбедат соодветен терен за одигрување на меч на кој ќе се користи ВАР системот, откако претходно на нивниот стадион не ги обезбедија потребните услови.
Извесно е дека Силекс ќе го добие натпреврот со службени 3-0, а Шкупи ќе биде предаден на дисциплинска комисија, па му се заканува и санкција со одземање на бодови.
Во продолжение комплетното соопштение на ФФМ.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека натпреварот од 2. коло на Прва МФЛ помеѓу екипите на ФК Шкупи 1927 и ФК Силекс, закажан за 17 август во 17:00 часот, нема да биде одигран. Причината за неодигрување на натпреварот е необезбедување соодветен домашен терен од страна на клубот, домаќин. Комисијата за натпревари на ФФМ на првиот нареден состанок ќе расправа за случајот и ќе донесе соодветни мерки согласно пропозициите за натпреварување. ФФМ во изминатиот период покажа целосно разбирање за ситуацијата во која се наоѓа клубот. Оставивме и повеќе од доволно време за да се пронајде соодветно решение. Направивме сè од своја страна, сите клубови да имаат регулирани услови на почетокот на сезоната. Но, доколку управата на клубот нема капацитет да ја извршува својата работа и обврски, тогаш одговорноста не може да биде префрлена на ФФМ, туку единствено на раководните лица на клубот. Воедно, ФФМ укажува дека во изминатите денови, управата на ФК Шкупи неточно праќаше информации во “Куќа на фудбалот” за четири различни стадиони на кои наводно ќе го одигра натпреварот, со што дополнително создаде погрешна слика за состојбата. ФФМ е должна да ги почитува пропишаните регулативи и тоа ќе го прави во целост. Се надеваме дека ФК Шкупи ќе ја надмине актуелната состојба и наскоро ќе создаде услови за нормално одвивање на натпреварите.“ – вела од ФФМ.