Фудбалската федерација на Македонија“ во соработка со Црвениот крст и со Институтот за трансфузиона медицина во „Куќата на фудбалот“ во Скопје организираше крводарителска акција под мотото „Највредниот подарок. Капка полна живот“, во која учествуваа вработени во Федерацијата и надворешни соработници кои доброволно се вклучија во повикот за несебична помош и солидарност.
Повеќе од 40 пријавени изразија волја за крводарување, а беа собрани вкупно 32 крвни едниници.
Во оваа трансфузија на љубовта, секоја крвна група си имаше свој херој. Меѓу дарителите на највредниот подарок беше и селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски, кој со личен пример придонесе за подигнување на свеста за крводарување и со тоа посведочи дека секој од нас може да спаси живот.
Со крводарителската акција „Највредниот подарок. Капка полна живот“ ја истакнуваме заложбата за хуманост, која е цел и ориентација на сите вработени во Федерацијата.
Доброволното крводарителство станува дел од традицијата на Фудбалската федерација на Македонија како доказ за социјално-етичкиот концепт и одговорност.