Светската фудбалска федерација, ФИФА, го објави потесниот список на кандидати за признанието фудбалер на годината и на листата нема поголеми изненадувања.
Тука се традиционално присутните Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Нејмар, кандидати се и Серхио Рамос, Садио Мане, Тијаго Алкантара, Кевин де Бројне, Килијан Мбапе, Мохамед Салах, Вирџил ван Дајк, но јасно е дека ова беше година во која доминираше Баерн Минхен, а нивен најдобар поединец и стрелец во ЛШ и Бундеслигата е Роберт Левановски, па Полјакот е голем фаворит за добивање на наградата.
Гласањето почнува денеска на сајтот на ФИФА и ќе трае до 9 декември, на 11 ќе се објават тројцата најдобри, а доделувањето на наградата ќе се случи на церемонија на 17 декември. Во гласањето ќе учествуваат и капитените и селекторите на сите светски репрезентации. Лани признанието му припадна на Аргентинецот Меси.
Ќе се бира и најдобар голман, а кандидати се Марк-Андре тер Штеген, Алисон Бекер, Тибо Куртоа, Кејлор Навас, Мануел Нојер и Јан Облак. Во оваа конкуренција прв фаворит е Германецот Нојер, кој е капитен на Баерн.
Наградата за тренер на годината би треба да ја добие Ханси Флик од Баерн, а противкандидати му се Марсело Бјелса, Јирген Клоп, Хулен Лопетеги и Зинедин Зидан.