Шанса и за нас: ФИФА сака да го олесни менувањето на репрезентација!

Светската фудбалска федерација, ФИФА, во септември планира да стави на гласање ново правило кое може да биде од полза и за македонската репрезентација во иднина.

Познато е дека сега играч кој играл барем една минута за некоја сениорска селекција на официјален меч во организација на ФИФА веќе нема право да игра за друга, ама во иднина можеби и нема да биде така. Големи се шансите да се изгласа правило со кое одредени фудбалери може да ја сменат репрезентацијата.

Во минатото имаше случаи како со Бојан Кркиќ, кој играше само десетина минути за Шпанија како 18-годишен и поради тоа веќе не можеше да игра за Србија. Со новото правило тој би можело да игра за Србија, исто како и Мунир Ел Хадади, кој сега не смее да игра за Мароко затоа што настапи за Шпанија, и тоа само на еден меч на кој играше само 13 минути.

Правилото ќе биде дека играч ќе смее да ја промени репрезентацијата доколку одиграл до три меча за некоја селекција пред да наполни 21 година. Ова значи дека теоретски, 20-годишниот Дејан Кулушевски од Јувентус може да се премисли и да игра за Македонија бидејќи за Шведска одигра само еден натпревар пред 21-виот роденден. Ако одигра уште три меча за Шведска, тогаш дефинитивно веќе нема да може да го гледаме во црвено-жолтиот дрес како кога беше јуниор до 17 години.

- Оглас -

Најнови вести