АТП ги одбра најдобрите шест мечеви кои се одиграа на четирите Гренд слемови во 2019 година. На првото место е незаборавното финале на Вимблдон меѓу Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер, во кое српскиот тенисер славеше по победата од 3-2 во сетови.
Спектаклот по кој Ѓоковиќ го крена 16-тиот гренд слем трофеј во кариерата, односно петтата титула на Вимблдон, траеше четири часа и 57 минути. Србинот спаси две меч-топки и успеа да направи пресврт, а измереното време е рекорд во историјата на престижното натпреварување.
На второто место е дуелот меѓу Вавринка и Циципас во четвртото коло од Ролан Гарос. Швајцарецот по пет часа и девет минути го совлада младиот Грк со 7-6, 5-7, 6-4, 3-6, 8-6.
Финалето на ОП на САД, во кое Надал ја освои 19-тата гренд слем титула совладувајќи го Данил Медведев со 3-2 во сетови е трет највозбудлив меч за оваа година според АТП кој траеше четири часа и 19 минути. Победата на Роберто Баутиста-Агут против Енди Мареј во првото коло од ОП на Австралија е на чевтртото место, па уште еднаш се споменуваат имињата на Федерер и Надал, петтиот најдобар дуел е нивното полуфинале на Вимблдон, по кое Швајцарецот се пласира во големото финале.
Последниот, шестиот тениски спектакл за 2019 година е дуелот меѓу Милош Раониќ и Стен Вавринка во второто коло на ОП на Австралија. Канаѓанецот со 39 ас удари дојде до победа од 3-1 во сетови, притоа сите сетови се одлучија на тајбрејк.