Антологиска драма: Ѓоковиќ подобар од Федерер за петта титула на Вимблдон

Новак Ѓоковиќ е старо-новиот шампион на Вимблдон, откако во финалето против Роџер Федерер славеше со 3-2 во сетови (7-6, 1-6, 7-6, 4-6, 13-12). Првиот светски рекет ја освои петтата титула на неофицијалното светско тениско првенство, односно вкупно 16-та Гренд слем титула, во спектаклот во Лондон кој траеше околу пет исцрпителни часа.  Ѓоковиќ воедно го доби и третото меѓусебно финале против Федерер на Вимблдон, како што го стори тоа во 2014 и 2015 година.

Инаку, ова беше најдолгото играно финале во историјата на Вимблдон.

Старт каков што можеше само да се посака. Двајцата тенисери освојуваа гемови на свои сервиси, па ја почастија публиката со тајбрејк, кој припадна на Ѓоковиќ иако беше во негатива од 3-1 во истиот. Играта на Србинот драстично се смени во негативна смисла, а Федерер го искористи тоа и со три брејка експресно дојде до 6-1 и  израмнување по првите два сета.  Третиот сет беше реприза на првиот, повторно се освојуваа гемови на свои сервиси и повторно се одлучуваше во тајбрејк. Како и првиот, така и третиот сет припадна на Ѓоковиќ со 7-4 во тајбрејкот.

Сепак, Федерер не планираше да го заврши финалето по четири сета, па неговите брејкови повторно одлучија кому ќе му припадне сетот. Воедно, првиот светски рекет конечно направи брејк на средбата, но тоа не беше доволно, па Федерер со 6-4 изнуди петти одлучувачки сет.

Ѓоковиќ направи голем исчекор кон титулата откако со првиот брејк во петтиот сет поведе со 4-2, но Федерер возврати со иста мера и израмни на 4-4 во гемови. Во шестнаесеттиот гем, Швајцарецот пропушти две прилики за титулата, по што Ѓоковиќ дојде до нова предност од 9-8. Но, тука не заврши драмата, сосема напротив. Тениските великани изнудија тајбрејк откако беа неразделни по 12-12 во гемови, а според непишано правило и како што се случуваше претходно на мечот, тајбрејкот припадна на Ѓоковиќ со 7-3 искористувајќи ја првата меч-топка.

- Оглас -

Најнови вести