Финалето од Купот на Македонија помеѓу екипите на Тиквеш и Воска и официјално ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Оваа информација ја соопштија од кавадаречкиот прволигаш, иако ФФМ не ја потврди, сепак стадионот веќе е внесен во Комет системот, со што и официјално е потврдено дека трофејот после една година пауза повторно ќе се додели на нашиот најголем и најубав стадион.
Од Тиквеш информираат дека натпреварот ќе се игра со почеток во 19 часот, термин кој се уште не е потврден од ФФМ. Веројатно се уште трае усогласувањето со МТВ околу директниот пренос од финалето.
Минатата сезона трофејот го освои екипата на Македонија ЃП, откако во финалето го совлада составот на Струга на пенали, во меч кој се играше на Тренинг центарот на ФФМ „Петар Милошевски“. Трофејот оваа сезона не само што ќе има нов сопственик, туку и ќе ја имаме 15-тата екипа кој ќе го освои Купот на Македонија, со оглед на тоа дека Тиквеш и Воска се дебитанти во финалните натпревари.