ФК Вардар: „Судиите нѐ оштетија, ФФМ да ги казни бидејќи докажаа дека не се достојни“

Екипата на Вардар загуби со 0-2 на домашен терен од тетовска Шкендија и останува закован на дното на прволигашката табела само со пет бода. Од најтрофејниот македонски фудбалски клуб сметаат дека се оштетени од судиската четворка на натпреварот и бараат тие да бидат казнети од ФФМ.

„По повод вчерашниот натпревар, би сакале, пред сè, да им се заблагодариме на нашите навивачи, кои уште еднаш докажаа дека се убедливо најдобри и дека својата лојалност кон клубот во најтешките моменти ја покажуваат на најдобар можен начин, со полни трибини и поддршка за фудбалерите.
Но, во духот на чесноста и фер играта, не можеме, а да не го спомнеме крајно тенденциозното судење на главниот судија Стојанче Трпчевски, како и на неговите помошници: Даниел Василевски, Драган Трпчевски и Кирил Смоковски, чии грешки влијаеа целосно врз текот на натпреварот и врз крајниот резултат.
Ние не бараме фаворизирање ниту на домаќинот, ниту на гостинската екипа. Бараме само фер судење, во кое и послабиот и посилниот тим би имале достојни услови за игра. За жал, тој принцип вчера беше апсолутно занемарен.
Судијата Стојанче Трпчевски во неколку наврати не досуди очигледни прекршоци во корист на Вардаровиот тим, додека од друга страна, противничките фудбалери во неколку наврати беа ‘помилувани’ за прекршоци многу посериозни и поочигледни. Особено го истакнуваме аматеризмот кој судиската четворка го покажа во второто полувреме, каде што со серија грешки не само што што го уништија натпреварот туку и го навлекоа гневот на сите присутни.
Како клуб, бараме надлежните комисии при ФФМ веднаш да го казнат главниот судија Стојанче Трпчевски и неговите помошници, кои вчера докажаа дека не се достојни да бидат дел од ПМФЛ.
Со ФК Вардар управува народот, чесно и транспарентно. Народот го финансира, народот го бодри, но народот и го брани затоа што е недозволиво при сета мака и труд што ги вложуваме, лица како Стојанче Трпчевски да влијаат со своето незнање кое повеќе не е достојно ниту за коментирање.
Се надеваме на брз и чесен одговор од ФФМ. Се надеваме дека во понатамошниот дел од првенството нема да се повторуваат вакви грешки.
Борбата за Вардар продолжува.
Борбата за македонскиот фудбал продолжува.
Со почит,
ФК Вардар – клуб на народот“, се вели во соопштението на ФК Вардар.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести