Навивачите на Ферари и цела Италија ја слават големата победа на Шарл Леклер на денешната домашна трка на патеката Монца, а шок освен за Мекларен, има и за Кевин Магнусен од Хас, кој доби суспензија од една трка и нема право да се појави на следната Ф1 трка која ќе биде во Азербејџан.
Магнусен беше казнет со 10 секунди поради судирот со Пјер Гасли за време на италијанското гранпри, па ја надмина границата од 12 казнени поени во рок од 12 месеци, која носи автоматска суспензија.
Стјуардите сметаа дека Магнусен е „целосно виновен“ за инцидентот, бидејќи не возел на „безбеден и контролиран начин низ маневарот“.
Магнусен не се согласува со казната што ја доби.
„Не знам што се случува со овие казни, Која е поентата? Имавме благ контакт во свиокот 4, но немаше оштетување на ниту еден автомобил. Тоа немаше никакви последици, никој ништо не изгуби. И двајцата го промашивме свиокот, но, ова е трка. Не ја сфаќам поентата, искрено. Нико со речиси 300 км/ч, за малку ќе ја погодеше бариерата по контактот со Рикиардо, а Рикјардо доби казна од 5 секунди. Јас добив 10 секунди казна. Нема никаква смисла“, се пожали Магнусен.