Доделувањето на Златната топка предизвика скандал од светски размери откако комлетната делегација на Реал Мадрид го откажа патувањето за Париз во знак на протест бидејќи дознале дека нивниот фудбалер Винисиус нема да ја добие наградата.
Очекувано беше и главниот уредник на „Франс фудбал“, Винсент Гарсија, да се огласи во јавноста бидејќи токму францускиот медиум е главниот организатор на манифестацијата.
„Имав голем притисок од Реал Мадрид, но јас секогаш бев чесен. Јасно им ставивме до знаење и на нив и на сите останати клубови дека победникот оваа година нема да биде известен. Сите клубови инсистираа да добијат информација. Мислам дека Ел Класико не им помогна, но не сум сигурен дека знаеја дека Винисиус нема да ја освои Златната топка. Винисиус настрада поради Белингам и Карвахал, бидејќи тоа математички му одзеде поени бидејќи Реал Мадрид имаше неколку фудбалери кои отскокнуваа. Така бодовите се поделија помеѓу нив, а тоа на крајот му одеше во прилог на Родри“, рече Гарсија.