Фудбалската јавност во Србија, а тоа посебно се однесува на навивачите на Партизан, е во шок после информацијата дека фудбалер на „црно-белите“ си ја барал премијата за освоеното второ место во првенството.
За екипа како Партизан второ место никогаш не било успех, но репрезентативецот на Босна и Херцеговина, Нихад Мујакиќ, и официјално испратил барање да му бидат исплатени 50.000 евра.
Фудбалерот потпишал два договори, едниот на српски јазик, а другиот на англиски, па токму во меѓународниот стои клаузула дека клубот ќе му исплати 50.000 евра доколку го освојат второто место.
Со оглед на тоа дека и двете верзии се во правна сила, раководството на „црно-белите“ нема да има друг избор, освен да му ги исплати парите на Босанецот, кој во спротивно може да се обрати до ФИФА, па Партизан да има и многу поголема штета од овие 50.000 евра.