Селекторот на фудбалската репрезентација на Албанија, Силвињо, го објави списокот од 25-мина играчи за претстојните октомвриски натпревари со Србија од квалификациите за СП и пријателскиот против Јордан, а во составот има еден дебитант, тоа е стоперот на Шкендија од Тетово, Клисман Цаке.
Цаке во минатото беше дел од младата репрезентација, а по одличните игри во дресот на Шкендија и историскиот пласман во Конференциската лига, доби покана за сениорскиот тим на Албанија.
Натпреварот против Србија е на 11 октомври во Лесковац, три дена подоцна е контролата против Јордан на стадионот „Ер Албанија“ во Тирана.
Во албанскиот тим е и Јасир Асани, кој е роден во Скопје и порано играше за младите селекции на Македонија пред да се одлучи за сениорскиот А тим на Албанија.