Фудбалерите сега ќе почнат да бегаат од Кина

Кинеската влада во 2020 година ќе донесе закон според кој ќе се ограничат платите на фудбалерите кои играат во оваа земја. На тој начин, Владата сака да го спречи лудото трошење пари на клубовите кои во своите редови носат играчи кои беа ѕвезди во Европа.

Кинеската Суперлига  во изминативе години беше вистинско „Ел Дорадо“ за фудбалерите на кои многу поважни им беа парите, отколку квалитетот во Европа. Со заминувањето во Кина, играчите добиваа плати за кои можеше да сонуваат дека би ги заработиле во Европа.

Според „Селери капот“ кој го предвидува кинеската влада, клубовите нема да смеат да трошат повеќе од два милиони долари за годишна плата на еден играч. Истовремено се доведе и закон според кој во кинеските екипи нема да може да има повеќе од петмина странци, а на терен може максимум да бидат четворица.

Од ѕвездите кои се во Кина, Бразилецот Оскар заработува 26 милиони долари по сезона, Хулк има плата од 20 милиони долари, а Марко Арнаутовиќ добива 19,5 милиони долари. Тоа значи дека ако овие играчи се решат да ги продолжат договорите со своите сегашни клубови, ќе мора да се согласат на многу помали плати.

„Многу клубови во Кина се во приватни, но финансиските трошоци беа многу големи и затоа мора да се стави крај на тоа. Фудбалот во нашата земја се води во потполно погрешна насока и се надеваме дека со новите закони ќе го ставиме на вистинските цврсти темели“, рече претседателот на кинеската фудбалска федерација, Чен Хуан.

- Оглас -

Најнови вести