Женската фудбалска репрезентација на Македонија забележа значајна победа на гостувањето кај Молдавија од 2-4 во квалификациите за пласман на Европското првенство. Избраничките на селекторот Александар Андов го поправија впечатокот од првиот натпревар во Скопје, кога изненадувачки одигравме само 1-1 против Молдавките.
Резултатот беше отворен многу рано, уште во втората минута, кога Бадичеану си постигна автогол за наше водство. Цабур во 22-рата минута израмни, но Наташа Андонова од пенал во 26-тата минута повторно ја донесе Македонија во водство.
До крајот на првото полувреме погоди и Ленче Андреевска за високи 1-3. Колник во 59-тата минута ги врати надежите на домашните фудбалерки дека може да останат непоразени, но Андонова со својот втор погодок на овој меч, во 75-тата минута со прекрасен погодок од слободен удар ја совлада молдавската голманка и ги постави конечните 2-4 на овој меч.
Македонија со ефект од две победи, едно реми и еден пораз останува на втората позиција на табелата зад максималната Словенија. Пласман во баражот за Европското првенство обезбедуваат најдобрите три второпласирани репрезентации од петте групи, но се бришат резултатите против последнопласираните селекции. Според резултатите во останатите групи, Македонија со победа против Летонија во јули на домашен терен ќе се најде во групата на репрезентации кои ќе играат во баражот.