Женската фудбалска репрезентација на Македонија и вторпат е поразена од Грузија на гостувањето во Тбилиси. За разлика од првиот натпревар, на кој избраничките на селекторот Кирил Изов загубија со 0-3, денес поразот е минимален – само 0-1.
Ова е 12-ти натпревар во серија во кој женската репрезентација на Македонија нема победа. Последен пат победивме во септември 2022 година, кога во квалификациите за Светското првенство, Македонија го совлада аутсајдерот Летонија со 3-2 на домашен терен.
Во овие 18 месеци, Македонија има три ремија и девет порази со гол-разлика од седум дадени и 32 примени погодоци.
Веќе долго се најавува смена на селекторската позиција, но УО на ФФМ неколку пати ја одложуваше оваа одлука и топката ја префрлаше кај комисијата, која требаше да ги разгледа извештаите на селекторот на женската репрезентација и на оние од младинските селекции, а дури потоа да се одлучи дали тие ќе бидат разрешени.
Изненадувачки, за натпреварите во селекцијата на Грузија, селекторот Кирил Изов повика само една фудбалерка од екипата која е шампион на Македонија во последните две години, тетовскиот Љуботен, но и таа не се појави на собирот поради повреда.