21.8 C
Skopje
петок, 26 септември 2025

Фудбалерот кој беше вистински кошмар за противничките дефанзивци состави хуманитарен тикет (Фото)

Легендарниот офанзивец на Тетекс и Вардар, но и на Пирин од Благоевград, Стојмир „Цоле“ Урошевиќ, е нов гостин во Хуманитарниот тикет на Спорт Манија. Фудбалерот чија задача беше да постигнува голови, но и да асистира, сега ќе се обиде да донира онаму каде што ќе биде најпотребно.

Фудбалската кариера ја започна во Тетекс, каде што блесна на почетокот на 80-тите години на минатиот век, а потоа неминовна беше преселбата во скопски Вардар, каде што и мина најголем дел од својата фудбалска кариера.

„Силен Вардар значи и силна Прва лига. Ме радува враќањето на Вардар на шампионските патеки, сепак, Вардар си е Вардар. Овој клуб отсекогаш бил магнет не само за публиката туку и за квалитетни фудбалери, а тоа може да се види и оваа сезона. Не сакам да ги потценам и останатите екипи, секоја чест и за нивните резултати, но јас најголем дел од мојата кариера ја минав токму во Вардар, седум и пол години“, го започнавме разговорот со Цоле Урошевиќ.

Ако може да се суди според резултатите од првите седум кола во Првата лига, се чини дека четири екипи ќе водат рамноправна борба за шампионската титула.

„Првенството веднаш е многу поинтересно со силен Вардар. Четири екипи конкурираат за шампионската титула и играат одличен фудбал. Навистина е штета што следното лето ќе имаме само три претставника во фудбалска Европа, па една од овие четири нема да има шанса да игра европски натпревари. Првенството е интересно и поради кратењето, нема да има опуштање, а борба ќе се води до самиот крај и за врвот, но и за избегнување на испаѓање од Првата лига. Вардар направи квалитетна екипа, а очекувам дека дополнително ќе се засили и назима, но и следното лето, кога ќе се очекува уште поинтересно првенство, со повеќе дерби-натпревари поради помалиот број екипи“, вели Урошевиќ.

Од оваа сезона конечно и во Македонија е имплементиран ВАР-системот и тоа во рекордно кратко време, што само ја зголемува регуларноста на првенството.

„Веднаш се чувствуваат позитивни ветришта во македонскиот фудбал со доаѓањето на Масар Омерагиќ за претседател. ВАР-системот е само една од тие позитивни работи, секако тука е и популаризацијата на македонскиот фудбал преку преносите од сите натпревари. Се чувствува општо подобрување на состојбите во фудбалот.“ – додава Урошевиќ.

Неизбежна тема е и фудбалската репрезентација на Македонија, која се надеваме дека до крај ќе биде во игра не само за баражот, туку и за директен пласман на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.

„Сега ни претстои денот Д. Сега треба да се покаже квалитет, но и срце на терен, да покажеме дека резултатите до сега не се случајно и не се залудни и да ги израдуваме навивачите. На следните натпревари треба да се стави печат на овој одличен циклус и да одиме на Мундијалот. На мака се познаваат јунаците.“ – со оваа реченица го завршивме разговорот со легендата на македонскиот фудбал и воедно еден од најдобрите, ако не и најдобар фудбалер во историјата на Тетово, Стојмир Урошевиќ.

Во продолжение тикетот кој го одигравме во хуманитарни цели со Стојмир „Цоле“ Урошевиќ.

- Оглас -

Најнови вести