Фудбалот не е само спорт, туку чиста емоција – Суарес плачеше како мало дете (видео)

Како на помладите најубаво да им се објасни што е тоа фудбал? Па, фудбалот не е само обичен спорт. Фудбалот е чиста емоција. Фудбалот те тера да се радуваш како мало дете, но и да плачеш како мало дете без разлика дали е од среќа или тага.

Овојпат, солзите на Луис Суарес се радосници. Човекот кој практично беше избркан од Барселона минатото лето, поточно од експретседателот Жозеп Бартомеу, се покажа како главен актер во шампионската серија на Атлетико Мадрид. Означен како стар играч со премногу висока плата, Суарес на малата врата го напушти „Камп ноу“ иако е легенда на Каталонците.

Со потписот за Атлетико, тој пресуди за екипата на Диего Симеоне да стигне до титулата по седум години пауза. Во текот на целата сезона Суарес беше константен, го потврдува тоа учинокот од 21 лигашки погодок, од кои двата последни се покажаа како најважни за неговата екипа.

Против Осасуна во 37-то коло ја донесе победата со погодок во 88-та минута за конечни 2-1 во корист на Атлетико, а денес му пресуди на Валјадолид со гол исто така за 2-1 во 67-та минута. Кога се слушна последниот свиреж на „Зорилја“, сите играчи со стучниот штаб почнаа да слават, а кога емоциите стивнаа, Суарес седна на тревата и во солзи гледаше во својот телефон.

„Барселона не ме ценеше, додека Атлетико широко ми ја отвори вратата и ме прими. Засекогаш ќе бидам благодарен на клубот што веруваше во мене“, изјави Суарес по победата над Валјадолид.

Suarez crying his heart out after the game. from soccer

- Оглас -

Најнови вести