Легендарниот дефанзивец Рафаел Маркес ќе ја води репрезентацијата на Мексико. Сепак, тој ќе ја преземе функцијата по завршувањето на Светското првенство 2026. Во моментов 47-годишниот поранешен фудбалер на Барселона е асистент на актуелниот селектор Хавиер Агире, кој ќе се повлече по крајот на Светското првенство.
Помошник на Рафа Маркес ќе биде Андрес Гуардадо, кој изгради солидна кариера во Шпанија со Бетис, Валенсија и Ла Коруња. Триесет и деветгодишниот поранешен играч од средниот ред има статус на легенда во Мексико откако одигра 180 натпревари за националниот тим.
Дел од стручниот штаб ќе бидат и Алфредо Талавера (тренер на голманите) и Видал Палома (помошник-тренер).
Рафаел Маркес е првиот фудбалер кој ја предводел својата репрезентација како капитен на натпревари на пет светски првенства – 2002, 2006, 2010, 2014 и 2018. За Мексико има одиграно 146 натпревари и има постигнато 19 гола.

