Фудбалска Аргентина повторно во тага, почина еден од најдобрите тренери

Некогашниот аргентински селектор Алехандро Сабела почина на 66-годишна возраст. Сабела беше хоспитализиран само еден ден по смртта на Диего Армандо Марадона на 26 ноември, а денеска ја загуби најважната битка.

Роден во Буенос Аирес, Сабела беше на чело на Аргентина во периодот од 2011 до 2014 година. Ги предводеше Гаучосите до финалето на Мундијалот во Бразил, каде што со гол во дополнителните 30 минути, Аргентина загуби од Германија, а со тоа се скрши и сонот на Лионел Меси да го повтори успехот на Марадона од СП 1986 година.

По завршување на планетариот собир, Сабела се повлече од селекторската функција и повеќе не седна на тренерското столче.

Како играч, Сабела беше дел од средниот ред, а кариерата ја започна во Ривер плејт во 1974 година. Потоа замина во Англија и играше за Шефилд јунајтед и Лидс. Сабела се врати во Аргентина и ги носеше дресовите на Естудијантес и Феро Карил. Кариерата ја заврши во 1989 година во Мексико.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести