Фудбалска Македонија за првпат дојде на вториот кат во Европа, од Омерагиќ и Пандев очекуваме уште повеќе во 2025

Фудбалската репрезентација на Македонија за првпат во историјата ќе биде дел од Лига Б, вториот најдобар сегмент по квалитет во Лигата на нациите. Нашиот национален тим доминантно, без пораз, го освои првото место во групата во Лигата Ц, со пет победи и само едно реми.


На стартот од циклусот селекцијата на Благоја Милевски одигра 1-1 против Фарски Острови во Торшавн, а потоа следуваа пет победи, во кои и голманот Столе Димитриевски постави нов рекорд за „чиста мрежа“ и вкупна гол-разлика 10-1.


На клупски план, македонските клубови во Европа не беа многу успешни, па затоа ќе ги истакнеме само домашните трофеи. Струга Трим Лум се закити со шампионската титула со одлична завршница на минатиот шампионат, а Тиквеш за првпат во историјата го освои Купот на Македонија.


Во новата сезона, по есенскиот дел, на врвот се издвои триото Силекс, Шкендија и Работнички, а во Вардар беше „шампион“ по промена на тренерите. Во меѓувреме, се случи трансформација во најтрофејниот македонски клуб, па во 2025 година, со оглед на големиот број реализирани, но и најавени засилувања, се очекуваат подобри денови за Црвено-црните.

Меѓу интернационалците, Столе Димитриевски доби друштво во Ла Лига од Бојан Миовски, кој потпиша за Жирона, а со тимот беше наш претставник и во Лигата на шампионите, заедно со Елиф Елмас (Лајпциг) и со Стефан Ристовски и Аријан Адеми (Динамо Загреб).


На крајот од 2024 година се случија промени и во Фудбалската федерација на Македонија. Муамед Сејдини, кој шест и пол години беше прв човек на македонскиот фудбал, си поднесе оставка, а неговото место го зазеде Масар Омерагиќ, кој веднаш направи значајни промени и се опкружи со големи фудбалски имиња, предводени од Горан Пандев, Илија Најдоски, Ѓорѓи Христов, Агим Ибраими. На чело на Судиската организација е назначен Александар Ставрев, кој на крајот од оваа година стави крај на активната кариера како фудбалски судија.


Благоја Милевски останува селектор на А-тимот, Горан Станиќ е назначен за нов селектор на Македонија У21 на местото на Драган Канатларовски, а ќе има големи промени и во сите останати младински селекции.


Ова дава надеж дека од 2025 година македонскиот фудбал ќе има уште посветла иднина, а треба конечно да биде имплементирана и ВАР-технологијата во Првата фудбалска лига.

- Оглас -

Најнови вести