Италијанскиот селектор Џенаро Гатузо е под голем притисок, а тоа е конечно да ја врати репрезентацијата на големата светска сцена, односно да ја одведе на завршницата на Мундијалот кој ова лето ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Италија ги пропушти последните две Светски првенства и сега едноставно преголем е притисокот врз Гатузо, кој мора да брка две победи во баражот за да може Аѕурите да бидат дел од најдобрите 48 селекции во светот.
Првиот предизвик за Италија е дуелот против Северна Ирска. Аѕурите утревечер на свој терен се големи фаворити, а Гатузо вели дека тоа е најважниот меч во неговата тренерска кариера.
„Расположението кај играчите е добро. Имавме три фантастични дена за подготовка. Нормално дека знаеме што нѐ очекува утре. Ова е најважниот меч. Влогот е голем. Млад сум, но го чувствувам товарот и притисокот од целата нација врз мојот грб. Нема да кријам дека во последните неколку месеци луѓето често ме сопираа на улица и ме молеа да ја одведем Италија на Светското првенство. Навикнат сум на притисок, но ова секако е мојот најважен меч во тренерската кариера“, рече Гатузо.
Пред четири години Италија во баражот беше елиминирана од Македонија, откако во Палермо загуби со 0:1. Сега не сакаат тоа да им се случи и против Северна Ирска.

