Газдата на Лестер имаше богатство за себе, но им даваше и на другите

Сопственикот на фудбалскиот клуб Лестер, Тајланѓанецот Вишај Шриваданапраба, кој го загуби животот во хеликоптерска несреќа, тие што го познаваат велат оти бил човек со длабок џеб и големо срце.

После мечот на Лестер и Вест Хем, газдата со хеликоптер требаше да биде однесен до неговиот дом, нешто што беше рутина после секој домашен дуел на „лисиците“, но синоќа работите тргнаа во непосакуван правец и хеликоптерот падна на неколку стотини метри од стадионот, земајќи пет жртви, меѓу кои и газда Вишај и неговата ќерка.

Шриваданапраба беше роден во Бангкок во 1958 година, и според „Форбс“ тој беше седми најбогат човек во Тајланд, со проценето богатство од 4,6 милијарди евра.

Во февруари 2011 стана и официјално прв човек на клубот за кој плати само 39 милиони фунти. Лестер во 2016 стана првак на Англија, приредувајќи го едно од најголемите изненадувања во историјата на клупскиот фудбал во светот. Како награда, на 19 играчи им купи по еден автомобил.

Во мај 2017, Вишај го купи белгиски Леувен, а беше познат по тоа што својот роденден на 4 април, и други големи празници, ги прославуваше со тоа што за сите на стадионот обезбедуваше бесплатна храна и пијалоци.

Тој донираше 2 милиони фунти за изградба на новата детска болница во Лестер, а помагаше и други добротворни организации.

- Оглас -

Најнови вести