Британскиот милијардер и сопственик на Тотенхем, Џо Луис (86 години) се соочува со обвинение во САД за тргување со привилигирани информации. Според американските и британските медиуми, Луис е обвинет по 19 точки за заговор и измама со хартии од вредност, поради што му се заканува затворска казна до 25 години.
„Тој користел внатрешни информации што им ги давал на своите романтични партнери, неговите пријатели, неговите лични асистенти, неговите приватни пилоти. Тоа е класична корпоративна корупција, тоа е мамење и е незаконско“, објасни американскиот обвинител за јужниот округ на Њујорк, Демијан Вилијамс.
Адвокатите на Луис најавија дека „енергично ќе се бранат од лошо смислените обвиненија“. Луис е еден од најбогатите Британци, а неговиот имот се проценува на шест милијарди долари.Овој богаташ во 2001 година го купи доминантниот дел од акциите на клубот и раководи со овој лондонски премиерлигаш.