Германските ѕвезди во одбојка на плажа, Карла Боргер и Џулија Суде, одбија да се појават на турнирот во Катар кој ќе се игра во март затоа што во таа земја на одбојкарките им е забрането да носат бикини на терен. Поради забраната во земјата во која има строги рестрикции, тие решија да бојкотираат.
„Ние сме таму за да си ја работиме работата, а некој ни забранува да ја носиме нашата работна облека. Катар е единствената земја и ова е единствениот турнир на кој владата ни кажува што да правиме и како да си ја вршиме работата и затоа ги критикуваме“, изјави Боргер.
На женските натпреварувачки на ФИВБ турнирот им е кажано дека додека играат во Доха, мора да носат маици со кратки ракави и долги панталони наместо вообичаените бикини.
Според Боргер, бикините се потребни на екстремно топлото време во Доха. Таму во март максималната температура е околу 30 степени. Германската федерација во одбојка на плажа ја поддржа одлуката на девојките да не играат во Катар.
Катар е на удар и поради начинот на кој се експлоатираат луѓе од посиромашните африкански и азиски земји и се користат за градење стадиони за Светското првенство во фудбал во 2022 година.