Германските ракометари се мајстори за „хичкок-победи“, ја елиминираа Шпанија за влез во финалето

Ракометната репрезентација на Германија е првиот финалист на олимпискиот турнир во Париз. Откако на драматичен начин ја елиминираа Франција во четвртфиналето, продолжија во ист стил и на полуфиналната пресметка со Шпанија. На крајот славеа со 25-24.

Во крајно неизвесен дуел, кој го судеа Македонците Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, беше апсолутно израмнето по првото полувреме (12-12), а и во вториот дел победникот се решаваше во последните секунди.

Германија имаше повеќе нерви и со еден гол позитива на крајот излезе како победник. Ушчинс повторно беше најефикасен во германскиот тим, со шест постигнати гола. Херој сепак беше голманот Андреас Волф кој имаше 21 одбрана.

Во второто полуфинале, вечерва се среќаваат селекциите на Данска и на Словенија.

- Оглас -

Најнови вести