Германија ја прегази Естонија со убедливи 8:0 и го задржа перфектниот скор по 3 меча во групата Ц за пласман на Европското првенство во 2020 година.
Најава за дебакл за гостите имаше уште по првиот дел, кога Германците постигнаа пет гола. Ројс, Гнабри Горецка, Гундоган и повторно Ројс со голови ја крунисаа убедливата игра на Елфот, а и во продолжението имаше голови, повторно сите во мрежата на слабите Естонци.
Гнабри, Вернер и Сане ги докусурија гостите и најавија сигурен чекор на Германците кон ЕП 2020 година.
Во истата група, Северна Ирска ја забележа и четвртата победа, вечерва против Белорусија на гости со 1:0.
Италија успеа да ја победи Босна и Херцеговина со 2:1, иако на полувремето имаше негатива од 0:1. Босанците со прекрасна акција и гол на Един Џеко заминаа на одмор со предност, но Инсиње и Верати со по еден погодок ја круниса подобрата игра на лидерот во групата Ј. Италија го прими првиот гол во овие квалификации, но има максимален учинок по 4 кола.
Тигран Барсегјан, поранешниот играч на Вардар е вистински јунак на Ерменија, а тој ја нокаутира Грција со решевачки трет гол во победата од 3:2 на гостински терен.
Ерменците водеа со 2:0 со головите на Карапетјан и на Газарјан по првото полувреме, но Грција нападна во вториот дел. Зеца намали на 1:2, а потоа на сцена стапи Барсегјан и со гол ги нокаутира Грците.
Фортунис постигна уште еден гол за Грција во финишот на мечот, недоволно барем за еден бод.