Германците се намачија со Австрија, Норвежаните ја декласираа Украина

Ракометарите на Германија и на Норвешка остварија очекувани победи на стартот на Европското првенство.

Во групата А, Германија ја победи Австрија во данскиот град Хернинг со 30-27 и со два освоени бода го чека натпреварот против Србија, за која по денешниот пораз од Шпанија тоа ќе биде вистински натпревар за опстанок на турнирот.

Германците ја контролираа играта, а упорните Австријци во самиот финиш се приближија само на два гола разлика и успеаја да создадат неизвесност, но немаа сили и време да направат сензација и да освојат барем бод.

Најефикасен кај Германија беше Гола со седум голови, а следен беше Зербе со шест. Кај Австрија најдобри беа Нига со седум и Хутечек со шест гола.

Во групата Ц, Норвешка на домашен терен во Осло убедливо ја декласира Украина со 39-22. Кај победничкиот состав, Андерсон и Блонц постигнаа по седум гола, додека кај Украина најмногу постигна Турченко – пет гола.

Претходно денес Франција во истата група со убедлива победа го совлада тимот на Чешка со 42-28.

- Оглас -

Најнови вести