Гевгеличани подготвени да напишат кошаркарска историја

Екипите на Кожув и Блокотехна попладнево, од 17.30 часот во салата „26 Април“ во Гевгелија ќе напишат ново поглавје од македонската кошаркарска, па и спортска историја, бидејќи за првпат две екипи од ист град во Македонија ќе играат една против друга во некое меѓународно натпреварување.

Овој меч од регионалната кошаркарска Балканска лига ќе биде пренесуван и на „Јутјуб“, а неспоредно пред почетокот, линкот ќе може да се најде на официјалната интернет-страница на БИБЛ.

Градското дерби секогаш е привлечно, а овојпат има предзнак историско, па воопшто нема да биде сеедно кој ќе победи.

Кожув е во улога на домаќин, ќе ја има поддршката од трибините, а ќе треба да се види како ќе реагира тимот по промените. Тимот има нов тренер, Александар Јончевски, а направија и корекции во составот. Си заминаа Иван Мишковиќ и Александар Радуловиќ, додека ново име е повратникот Владимир Ивеља (во сезоната 2014/15 беше дел од Кожув), кој дојде од Ловќен, утрешниот противник на МЗТ Скопје во втората АБА-лига.

Блокотехна во минатото коло го претрпе првиот пораз и ќе биде мотивирана да се врати на победничкиот пат. Тимот од Негорски бањи, кој среде сезона се уфрли во БИБЛ, има скор 3-1, па важи за благ фаворит против соседот, кој има 1-4. Кожув нема играно 20 дена и треба да се види како паузата влијаела врз тимот.

Судиската тројка ќе биде од Грција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести