Ги обвинија дека само тие не му ја честитаа титулата на Реал, но вистината е поинаква

Реал Мадрид изминатиов викенд го прослави освојувањето на 35-тата титула во шпанското првенство, откако со 4:0 го победија Еспањол и на четири кола пред крајот стигнаа до недостижна предност во однос на сите ривали.

Откако го победија Еспањол, ривалите во Примера дивисион јавно преку социјалните мрежи му го честитаа успехот на Кралскиот клуб. Како што одминуваше времето, сите клубови, освен еден, се огласија на социјалните мрежи со честитка за Реал.

Атлетико Мадрид единствено не му упати честитка на Реал за титулата која ја „одземаа“ токму од тимот од „Ванда Метрополитано“. На адреса на Атлетико стигнаа многу критики дека не сакале да му честитаат на градскиот ривал, но Јорганџиите објаснија дека и тие ја честитале титулата.

Од Атлетико решиле да испратат писмо на адресата на Реал Мадрид и во традиционален стил да честитаат, а не само преку социјалните мрежи. Од таборот на Јорганџиите објаснуваат дека тоа е нивен традиционален начин на упатување честитки, па на ист начин со писмо неодамна му честитале и на Бетис за пехарот во Купот на Шпанија.

Токму Атлетико Мадрид на свој терен го пречекува Реал во следното коло од шпанското првенство, а најавите се дека домаќините нема да направат шампионски шпалир на противникот. Претседателот на Атлетико, Хозе Марија Хименез, објасни зошто нема да направат шампионски почести за противникот. 

- Оглас -

Најнови вести