Гилџес-Александер го потпиша најголемиот договор во историјата на НБА лигата

Екипата на Оклахома сити тандерс испиша историја, освојувајќи ја титулата во НБА лигата. Овој тим имаше блескава сезона. Беше најдобар во регуларниот дел од првенството, а потоа и во плеј-офот покажа квалитет, сила и карактер, па на крајот го освои трофејот.

Во големото финале Оклахома со 4:3 ја победи Индијана, а во мајсторката која го реши шампионот, предводник на Оклахома беше Шеј Гилџес-Александер со 29 поени, 12 асистенции, пет скока и две блокади. Овој играч беше прогласен и за МВП во финалето на плејофот, беше МВП и во финалето на Западот, а ја освои и МВП титулата во регуларниот дел.

Токму затоа, Оклахома без двоумење знае дека треба да го задржи Гилџес-Александер во своите редови, па според најавите веќе е потпишан нов четиригодишен договор и тоа историски. Гилџес-Александер ќе биде најскапоплатениот кошаркар во историјата на НБА лигата, затоа што за продолжување на вероноста ќе инкасира неверојатни 285 милиони долари за четири години.

Тоа значи дека Гилџес-Александер годишно ќе заработува 71 милиони долари по сезона. Оваа сума е многу поголема од тоа што сега заработува најскапоплатениот кошаркар во лигата, Стеф Кари. Бекот на Голден стејт вориорс минатата сезона заработи околу 59 милиони долари, односно четири милиони долари повеќе од вториот најскапоплатен Џоел Ембид.

Гилџес-Александер беше најдобар стрелец во НБА во текот на регуларната сезона со просек од 32,7 поени по натпревар, а со оглед на сите овие достигнувања, многу коментатори велат дека во неговата седма професионална сезона тој имаше една од најдобрите сезони досега, индивидуално.

Тој беше избран како 11-ти пик на драфтот во 2018 година од страна на Шарлот, но веднаш испратен во Лос Анџелес клиперс. По една сезона помината во сезона со Клиперс, беше испратен во Оклахома и тоа како дел од размената за Пол Џорџ.

 

- Оглас -

Најнови вести