Драматична беше последната минута на дуелот меѓу Македонија и Португалија, а на крајот нашата репрезентација стигна до реми 29:29. Голманот Мартин Томовски имаше две одлични одбрани во последниот напад на Португалија, а при втората интервенција, малку фалеше ние да ја имаме топката и последни да организираме напад за победа.
По одбраната на Томовски, топката доби необична ротација, Мартин Серафимов се обиде да ја прифати, но му избега од раце и заврши надвор од теренот. Буквално во тој момент Серафимов знаеше дека му избега шансата за Македонија да организира напад за победа.
По мечот, Серафимов беше еден од малкумината наши кои беше разочаран токму поради тоа што не успеа да ја прифати таа топка на 20-тина секунди до крајот.
Сепак, Серафимов треба да знае дека и тој е еден од хероите на Македонија. Го остави срцето на терен, а постигна и гол во 55 минута кога нашата селекција ја „кршеше“ предноста на противникот.
Спортот е таков, најважно е да се одигра со срце, а Серафимов и сите останати македонски репрезентативци буквално „изгинаа на терен“. Сега следува нов предизвик за Македонија, а тоа е дуелот против Романија во вторник.

