Десниот бек Даниел Карвахал е еден од капитените на Реал Мадрид, единствениот со шест европски титули и притоа бил стартер на сите тие шест финалиња, а со играта и клучниот гол во финалето против Борусија Дортмунд во саботата го реши и го зацементира статусот како легенда на Кралскиот клуб.
А, во Реал уште пред 20 години имаше некој што осети дека Карвахал ќе стане голем играч.
Пред две децении, во мај 2004 година, се поставуваше камен-темелник на тренинг-центарот во Валдебебас, а покрај славниот Алфредо ди Стефано, чие име го носи тренинг-центарот, при церемонијата беше одбран и токму Дани Карвахал, тогаш член на школата на Реал во која има стотици негови врсници.
Уште тогаш Карвахал со својот однос ги привлекол неговите ментори и процениле дека е суперталент кој ги претставувва вредностите на клубот.
Сега Карвахал за 11 сезони како член на првиот тим, има 25 трофеи со Реал, 416 одиграни натпревари за својот сакан клуб, а врвот го доживеа завчера на „Вембли“, кога беше прогласен за најдобар играч на финалето на ЛШ.