Миомир Кецмановиќ е најпријатното изненадување на Австралија опен. Србинот кој е на 77 место на АТП листата, се пласираше во осминафиналето на првиот Гренд слем турнир, откако со 3:1 во сетови го победи фаворизираниот Лоренцо Сонего.
Италијанскиот тенисер е 51 позиција подоброрангиран од Кецмановиќ, но на теренот Србинот беше тој што доминираше во играта. Кецмановиќ го доби првиот сет со 6:4, а по голема драма, Сонего се радуваше во вториот сет и тоа по тај-брејт со 10:8.
Србинот направи два брејка во третиот сети и лесно го доби со 6:2. Во четвртиот сет беше 5:5, потоа Миомир го доби својот сервис, а кога Италијанецот требаше да сервира за останување во мечот, го загуби својот сервис и тоа значеше победа на Кецмановиќ, кој за прв пат ќе биде дел од осминафинале на Австралија опен.
По откажувањето на визата на Новак Ѓоковиќ, Кецмановиќ сега е најголема надеж на Србите за добар резултат во Мелбурн. Кецмановиќ успеа да врзе три победи на еден турнир за прв пат по септември 2020 година. Од тој турнир во Кицбил, Србинот одигра 34 турнири на кои немаше три победи во низа, а сега токму во Мелбурн заблеска.
Во осминафиналето се најде и фаворизираниот Гаел Монфилс кој со 3:0 во сетови беше подобар од Гарин од Чиле (7:6, 6:1, 6:3), како и Денис Шаповалов кој без проблеми со 7:6(4), 4:6, 6:3, 6:4 го победи Реил Опелка од САД.