Микел Мерино со гол во 72-рата минута ја најави победата на Реал Сосиедад против Осасуна, но и, очекувано, не се радуваше во родниот град.
Искусниот играч од средниот ред на Баскијците е роден во Памплона, каде што вечерва со Реал Сосиедад му беше гостин на својот матичен клуб Осасуна.
Голот што го скрши отпорот на домаќините можете да го погледнете ОВДЕ, а беше постигнат по одличната акција на офанзивците на Реал Сосиедад, тим што повторно е лидер во Шпанија со 28 бода, еден повеќе од Реал Мадрид, но и со еден натпревар повеќе.
По погодокот на Мерино, Аднан Јанузај со прецизен удар во 82-рата минута ја потврди победата на гостите од Сан Себастијан.
Голови во второто полувреме имаше и во Мајорка, и тоа три во интервал од 68-мата до 75-тата минута и уште еден во последните моменти.
Елче водеше двапати со головите на Лукас Боје, но Салва Севилја од пенал и Мафео со погодок во 95-тата минута ѝ донесоа бод на Мајорка со реми 2:2.
Вечерва од 21 часот ќе се игра големото градско дерби меѓу Бетис и Севилја.