Го препозна талентот на Елмас, низ неговата школа поминале над 30 репрезентативци, а сега атакува на добитен хуманитарен тикет

Кога се зборува за легендарната златна шампионска генерација на Вардар, секако еден од оние на кои веднаш ќе помислиме, е Јовче Џипунов. Фудбалерот кој беше виртуоз со топка и вистинска ѕвезда во тоа време во македонскиот фудбал. По завршивање на кариерата, Џипунов како што самиот вели, не можел да замисли да работи ништо друго, освен во фудбалот, па пред речиси 20 години ја формираше тогаш првата приватна фудбалска школа „Форца“.

ШКОЛА КОЈА „ПРОИЗВЕДЕ“ ПРЕКУ 30 РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ

Популарниот Џипун со задоволство прифати да биде дел од хуманитарната акција на Sport Life и да состави добротворен тикет, кој доколку биде добитен, парите ќе бидат дадени за оние на кои им се најмногу потребни. Низ овие 20 години поминале илјадници деца, а Џупунов има создадено „војска од фудбалери“ на кои секојдневно им го пренесува неговото големо фудбалско знаење.

„Со фудбалот сум секој ден. Школата Форца набрзо ќе прослави 20 години постоење, период во кој поминаа многу дечиња, кои подоцна станаа и добри фудбалери. Моментно имаше преку 360 деца поделени во различни возрасни категории кои сакаат да го дознаат тајните во најважната споредна работа во светот. Покрај фудбалските техники, децата во школата е важно да создадат и дисциплина и да ги осознаат вистинските вредност“, вели Џипунов кој уште рано од сабајле веќе имаше одработено неколку тренинзи со одредена категорија на деца.

ЕЛИФ ЕЛМАС, ОД ОСУМГОДИШНО ДЕТЕНЦЕ ВО ФОРЦА ДО ИТАЛИЈАНСКИОТ НАПОЛИ

Според Џупунов, децата сега порано започнуваат со фудбалот, па има категорија во кои има и шестгодишни деца што ја започнуваат „љубовта кон бубамарата“. Од школата „Форца“ досега излегле голем број на фудбалери, а секако најзвучни се имињата на Елиф Елмас, Дарко Чурлинов, Кристијан Ацковски, Костадин Чешменџиев, Енис Фазлагиќ…

„Преку 30-тина деца кои биле дел од школата на Форца го имаат облечено дресот на македонската репрезентација во разни категории. Нашата цел е да создадеме идни квалитетни генерации и верувам дека во иднина ќе бидеме уште подобри. Македонија има квалитетни фудбалери. Потребно е правина работа со нив, но и потоа да има клубови кои во ќе може правино да напредуваат во повозрасните категории. Кај нас нема протекции. Доколку некое дете е талент ќе напредува и тоа ќе се покаже во иднина. Елиф Елмас дојде како осумгодишно детенце и во школата остана шест години. Потоа го дадовме во Работнички. Како Елмас, така и Чурлинов, Фазлагиќ, Чешменџиев и останатите веднаш се гледа дека отскокнуваат со талент од останатите,, но важно е да добијат вистинска насока“, објаснува Џипунов.

Форца школата постојано е дел и од разни турнири на кои младите фудбалери се натпреваруваат со своите врсници од други школи. Во јуни е планирано три генерации на селекции од Форца да учестуваат на престижниот „Драган Манце“ турнир во Белград каде има екипи од цела Европа, па дури доаѓаат екипи и од Африка и Азија, што секако е одлично за стекнување на искуство.

ДОАЃААТ ДОБРИ ГЕНЕРАЦИИ, МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИМА УШТЕ ФУДБАЛСКИ УСПЕСИ

Според легендата на Вардар, палсманот на Македонија на Европското првенство не е случаен, а Џипунов верува дека сега се создаваат нови идни генерации кои ќе го продолжат во ист правец.

„Момците заслужено се пласираа на ЕП. Покажаа дека и Македонија има квалитет да биде меѓу најдобрите. Победата над Германија беше само потврда дека пласманот на ЕП не е случаен и дека нема да бидеме топовско место на турнирот ова лето. Може да изненадиме, имаме квалитетна генерација. Верувам дека во иднина ќе имаме уште подобри фудбалери кои ќе го продолжат овој успех“, оптимист е Џипунов.

ГО СИМПАТИЗИРА РЕАЛ МАДРИД, ПОЧЕСТО ИГРА НА РАКОМЕТ, ТЕНИС, КОШАРКА…

Како поранешен фудбалер, Џипунов ги следи сите најнови трендови во модернот фудбал, но кога ќе реши да направи некој тикет, повеќе сака да одигра на некој ракометен, кошаркарски или тениски меч.

„Реал Мадрид е клуб кој секогаш ми бил симпатичен. Гледам фудбал, но ако некогаш направам тикет, тоа може да биде на мечеви од ракомет, тенис или кошарка“, додава Џипунов, кој верува дека направениот хуманитарен тикет може да биде добитен.

 

- Оглас -

Најнови вести