Италијанскиот калчолигаш Каљари и официјално ја прекина соработката со досегашниот тренер Давиде Никола, кој успеа да го задржи тимот во Серија А во сезоната 2024/25, објави клубот.
Давиде Никола ја презеде клупата на клубот од Сардинија во јули минатата година, наследувајќи го Клаудио Раниери. Иако потпиша двегодишен договор, тој си заминува само по една сезона, и покрај фактот дека Каљари заврши на 15-тото место на табелата, пет бода над зоната за испаѓање.
„Клубот сака да му се заблагодари на тренерот Давиде Никола и неговиот стручен штаб за посветеноста, сериозноста и страста што ја покажаа низ целата сезона, која заврши со успешна мисија – опстанок во елитата“, стои во официјалното соопштение.
Давиде Никола изгради репутација како вистински стручњак за спасување клубови од испаѓање. Претходно успеа да обезбеди опстанок и за Емполи, Салернитана, Торино и за Џенова, добивајќи признание како мотиватор и тактичар во критични ситуации.