Го сруши рекордот на Нејмар, но Аргентинецот кој даде 44 гола нема да го видиме на Мундијалот

Аргентинскиот напаѓач во редовите на Флумнезе, Герман Кано, имаше година за памтење. Кано беше незадржлив и во 2022 година успеа да постигне 44 гола, што е рекорд за бразилскиот фудбал за една тековна година. Претходниот рекорд го делеа Нејмар (2012 година) и Габигол (2019 година), кои постигнаа по 43 голови.

Успехот на Кано е уште поголем ако се знае дека ниту еден од неговите погодоци не е постигнат од пенал, што само потврдува во каква голгетерска форма е 34-годишниот Аргентинец. Ако се гледа на светско ниво, повеќе голови од Кано во 2022 година има постигнато само ѕвездата на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе, кој досега има дадено 47 погодоци во сите натпреварувања во тековната година.

Иако е во одлична форма, Кано сепак не доби повик да биде дел од репрезентацијата на Аргентина на Светското првенство во Катар. Во списокот на селекторот Скалони, меѓу напаѓачите кои ќе ги бранат боите на Гаучосите на Мундијалот во Катар ќе бидат играчи од калибарот на Лионел Меси, Пауло Дибала, Лаутаро Мартинез, Анхел ди Марија…

- Оглас -

Најнови вести