Тој е фудбалер од репрезентативен калибар, а оваа зима се врати од Романија и го засили Пелистер. Битолскиот тим прави сѐ да се подготви добро за вториот дел од сезоната во Првата лига, а Томче Гроздановски е едно од капиталните засилувања за тренерот Милан Стојановски.
Во моментов е со тимот во Анталија на подготовки, но, секако, со драго срце прифати да биде гостин на „Спортманија“ во рубриката за хуманитарен тикет.

По одисејата во романската Конкордија, се врати во македонскиот шампионат, одлучи да го облече дресот на Пелистер, откако во минатото беше член на Силекс и на Работнички.
„Пелистер е еден од најреномираните македонски клубови, вистински бренд и секако дека е чест да се носи зелено-белиот дрес на гордоста на Битола. Одлично сум прифатен од раководството, од стручниот штаб и од фудбалерите, се надевам дека во пролетниот дел од сезоната ќе ги радуваме навивачите со успешни игри и резултати“, вели Томче Гроздановски.
Се надева дека со добрите игри во Пелистер би можел да се наметне и за повик во А репрезентацијата на Македонија.
„Моја работа е да играм најдоро што можам, а сето друго е на селекторот и неговиот стручен штаб. Секако дека е гордост да се носи дресот на националниот тим, сум го почувствувал тоа. Но, во фудбалот е така, во репрезентацијата играат тие што се во најдобра форма во дадениот момент. Сите сме во очекување на плејофот за пласман на СП 2026 и пресметката со Данска во Копенхаген. Но, јас сум фокусиран на натпреварите на Пелистер во вториот дел од сезоната. Треба да ја исполниме клупската цел и верувам дека ќе го сториме тоа“, посочува новиот фудбалер за врска на Пелистер.
Тој е навивач на Милан, не се обложува, но секако дека го следи европскиот фудбал.
„Навивам за Милан, и тоа навистина посветено. Оваа сезона Росонерите се одлични, се борат за врвот во Серија А и се надевам дека ќе истраат во битката за шампионската титула. Се разбира, следам и Премиер лига и Ла Лига, колку што ми дозволуваат обврските и тренинзите. Се обидов да составам добар хуманитарен тикет, дај Боже да погодиме, па да ги донираме средствата таму каде што се најпотребни во моментот“, заврши Томче Гроздановски, новото засилување на Пелистер.


