Новак Ѓоковиќ по пауза од три години ќе игра во финалето на Отвореното првенство на Австралија и ќе се обиде да дојде до 11-тиот трофеј на првиот гранслем-турнир во годината откако во драматичен меч славеше над Јаник Синер со 3-2.
Полуфиналето траеше над четири часа, а Србинот покажа дека и покрај возраста, сè уште може да игра на врвно ниво и да ги победува младите ѕвезди на овој спорт.
За Ѓоковиќ ова е прва победа над Синер по седум порази во низа, односно по повеќе од две години.
Мечот започна катастрофално за Ѓоковиќ, со оглед дека го загуби првиот сет за водство на Синер од 2-0, а на крајот од сетот тоа значеше и 6-3 за Синер. Слично сценарио имаше и во вториот сет, но овојпат во корист на Србинот. Ѓоковиќ врати со 6-3 за израмнување на 1-1, откако направи брејк во четвртиот гејм.
Во третиот сет Синер се врати во водство, откако го доби сетот со 6-4 со брејк во последниот, десетти гејм. Ѓоковиќ го доби четвртиот сет со идентични 6-4, но со брејк уште во првиот гејм.
Во одлучувачкиот сет, Ѓоковиќ направи брејк во седмиот гејм, но Синер веднаш можеше да врати со рибрејк, бидејќи имаше 40-0 на сервис на противникот. Сепак, Србинот успеа да се врати и да го одбрани сервисот.
Во последниот гејм, Ѓоковиќ не искористи две меч-топки, но успеа да го направи тоа од трет обид и да се пласира во финалето, каде што за противник ќе го има Карлос Алкарас.

