Ѓоковиќ го пофали сервисот на Хуркач: Одамна не сум се чувствувал толку бедно и немоќно

Новак Ѓоковиќ ја прескокна и осминафиналната пречка, но првпат на годинешниот Вимблдон загуби сет и во четирите сета освои само еден гејм на сервис на противникот Хуберт Хуркач.

Полјакот сервираше феноменално и веројатно ќе победеше ако против себе имаше некој друг тенисер, но Ѓоковиќ со квалитетот и искуството ги освојуваше важните поени и дојде до победата. Хуркач шансата ја испушти синоќа, кога во првиот тај-брејк при 6-3 загуби пет поени по ред и во вториот тајбрејк, кога имаше 5-4 и два сервиси, но ги загуби двата поени, а потоа и сетот.

„Му честитам на Хуберт, одигра одлично, но немаше среќа. Не се сеќавам кога последен пат сум се чувствувал толку бедно на ритерн против неговите неверојатни силни и прецизни сервиси. Тешко е да го прочитате, го има еден од најдобрите сервиси на светот, му одговара брза подлога. Не уживав, но во најважните моменти бев оној вистинскиот. Имав и среќа што го добив првиот сет. Мечот можеше да отиде во друг правец, но ги зачував нервите во важните моменти вчера и денеска“, рече Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ во четвртфиналето против Андреј Рубљов ќе игра утре попладне, што значи дека и трети ден по ред ќе заигра на Централниот терен.

„Рубљов со години е во топ 10. Тој е многу поразличен играч од Хуркач. Знам дека сака првпат да стигне до полуфинале на гренслем, се надевам дека тоа нема да биде сега“, порача Ѓоковиќ со насмевка на лицето.

- Оглас -

Најнови вести