Новак Ѓоковиќ утре рано наутро од 4:30 часот ќе игра против Лоренцо Мусети во четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија. Овие двајца тенисери досега меѓу себе играле десетпати, а Ѓоковиќ е доминантен со девет победи, додека Мусети има само еден триумф.
Нивната најнова пресметка ќе биде и историска затоа што многу веројатно е дека двајцата тенисери во своите „боксови“ нема да имаат ниту еден тренер. Досега на Отвореното првенство на Австралија не се случило да има меч на тенисери кои немаат тренери во своите табори.

Тренерот на Ѓоковиќ, Борис Бошњаковиќ поради вирус не е во таборот на Србинот, а на негово место е агентот Карлос Гомес. Од друга страна, Мусети остана без двајцата членови на неговиот табор.
Симоне Тартарини, кој е тренер на Мусети од почетокот на неговата кариера, мораше да се врати дома поради смртта на неговата мајка, додека кондициониот тренер Дамијано Фиоручи поради лични причини си замина од Мелбурн.

