Ѓоковиќ после девет години е полуфиналист во Монте Карло, со Де Минор одиграа луд втор сет

Новак Ѓоковиќ ќе игра во полуфиналето на Мастерсот во Монте Карло, откако попладнево после двочасовна борба, го совлада Австралиецот Алекс Де Минор со 7-5, 6-4.

За Ѓоковиќ ова е прво полуфинале на земјените терени во Монте Карло после 2015 година, а вкупно 77-мо полуфинале на Мастерсите во кариерата, што е рекорд во тенисот.

Србинот денеска му се реваншираше на Де Минор за поразот од стартот на годинава на Јунајтед купот.

Новак и Де Минор одиграа многу необичен втор сет, во кој од десетте гејма, дури седум беа брејкови и ги доби тенисерот кој не сервираше. Имаа серија од шест гејма по ред во кои тенисерот што сервираше не успеваше да земе гејм, што ретко се случува на ова ниво.

Во полуфиналето, светскиот рекет број ќе се сретне со Каспер Руд или Иго Умбер, додека другата полуфинална двојка е Јаник Синер – Стефанос Циципас. Инаку, Синер е првиот тенисер по Ѓоковиќ од 2015 година наваму кој стигнал до полуфинале на Австралијан опен и првите три Мастерс 1000 турнири во годината.

- Оглас -

Најнови вести