Денеска се одржа ждрепката за завршниот АТП-турнир за 2025 година, кој ќе се одржи во Торино, Италија, од 9 до 16 ноември.
Во групата наречена „Џими Конорс“ се најдоа: Шпанецот Карлос Алкарас, Србинот Новак Ѓоковиќ, Американецот Тејлор Фриц и Австралиецот Алекс де Минор.
Групата „Бјорн Борг“ ќе ја сочинуваат Италијанецот Јаник Синер, Германецот Александар Зверев, Американецот Бен Шелтон, како и Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим или Италијанецот Лоренцо Музети, зависи кој ќе биде осми на АТП-листата в понеделник.
Ѓоковиќ победи во 2023 година во Торино, што му беше рекордна седма титула на завршните Мастерси, а лани не учествуваше. Алкарас и Синер се борат за првото место на АТП-листата на крајот на годината, па Ѓоковиќ може да има влијание врз трката доколку го совлада Шпанецот.
Сепак, не е 100 отсто сигурно дека Новак ќе се појави во Торино, одлуката ќе ја донесе по завршувањето на турнирот во Атина, каде што игра за својата 101-ва титула во кариерата.

