Најдобриот тенисер на светот, Србинот Новак Ѓоковиќ, е во родниот Белград и најавил дека сака да се појави на стадионот на Партизан од 20 часот за да го гледа дуелот од полуфиналето на Купот на Србија помеѓу белградските ривали Партизан и Црвена ѕвезда. Интересно е што Ѓоковиќ, кој е симпатизер на Црвено-белите, никогаш не бил на стадионот на Партизан.
Ѓоковиќ го има гледано кошаркарското белградско дерби, но никогаш не бил на трибини за фудбалскиот двобој на најголемите српски клубови. Тој повеќе пати бил на стадионот на Ѕвезда, но никогаш на стадионот на Партизан, иако никогаш не кажал ништо лошо за овој клуб и ги почитува и Црно-белите.
Сефтето може да му го расипе само времето. Во Белград во моментов има големо невреме со силен дожд, но до почетокот има уште два часа и организаторите се надеваат дека мечот ќе може да се одигра. Ако се појави Ѓоковиќ, во ложата треба да биде и неговиот бугарски колега Григор Димитров, кој исто така ќе игра со Новак на „Адрија тур“.