Пауло Дибала во летниот преоден рок најверојатно ќе си замине од Рома бидејќи за неговите услуги постои голем интерес од „сите страни“, објави „Тутоспорт“.
Аргентинецот има уште една година од договор со Рома, а дополнителен проблем за Римската волчица претставува податокот дека за Дибала има фиксна откупна клаузула, која не е никаков проблем да ја платат заинтересираните екипи.
Според „Тутоспорт“, сериозен интерес за Дибала пројавуваат Наполи, Атлетико Мадрид и неизбежните Саудијци, кои летово повторно нема да жалат пари за ангажирање на големи фудбалски ѕвезди.
Антонио Конте повеќе од сигурно ќе биде нов тренер на Наполи, а наводно на претседателот Аурелио де Лаурентис му порачал дека во тимот сака да го има Дибала.
Диего Симеоне сака да го освежи тимот на Атлетико Мадрид и смета дека со Дибала би бил сериозен конкурент на Реал Мадрид и Барселона во трката за титулата во Ла Лига.
Ниту управата на Рома не планира да остане на страна и ќе се обиде да го убеди Аргентинецот да потпише нов договор.
Дибала во Рома пристигна во 2022 година од Јувентус и во двете сезони во Серија А одигра 53 меча, на кои постигна 25 гола и имаше 15 асистенции.